Прва награда на 50-ти Рацинови средби


Нашата ученичка Марија Цветановска од 9-2 одделение ја освои првата награда на
,,50 _ти Детски Рацинови средби" во категоријата осмо и деветто одделение на литературниот конкурс ,,Мојот град-моја инспирација".

Еве ја нејзината наградена песна:

MОЈОТ ГРАД- МОЈА ИНСПИРАЦИЈА

Мојот град е едно прекрасно место,
во него сѐ е добро, стуткано , мало,
секој секаде се снаоѓа лесно.
Од секој агол, секое сокаче убавина блика,
па некој од страна да гледа, би помислил :
-Па ова е како од на Да Винчи слика!

Од центар до болница
има една угорница, па удолница...
Не се грижи ќе стигнеш многу лесно,
иако покрај тебе на ,,Партизанска“ ќе профучат
еден тон мотори, бесно.

Ништо не е комплицирано, ниту пак сложено.
Има една улица главна,
верувај многу е славна.
Таму ќе видиш и младо и старо,
сѐ на едно купче се збрало.
Сите излезени во петок и сабота
шетањето на Широк Сокак е многу битна работа.

Во мојот град ,
никој за никаде не се брза,
кабадајчари,конзули, боеми, пуфли, скоцкани дами
како од модна писта,
кафето на Широк Сокак секогаш им е на врвот
на нивната топ-листа.


Неделата во мојот град е многу важен ден
со радост и насмевки исполнет цел.
Кај баба и дедо на ручек редовно наминуваме,
или со мама и тато на Пелистер  заминуваме.

Мојот град е исполнет со маала,
А во нив дружини – Јенимаалци, Баирчани,
сите за себе ,многу славни .
Нивните ,,водачи“-момчиња познати низ целиот град
или како што би рекле девојчињата :
-фраери и бељаџии главни.

И како што забележувате,
oвде сѐ е славно или главно.
Па, не  за џабе со некоја посебна намера,
го одбележуваме Фестивалот на филмската камера..

Ние битолчани сме малку чудни
многу жедни за трач,
па затоа тука муабет
стигнува и се раширува
за нецел час.

 Со сите свои предности и маани
градот на конзулите, градот на клавирите
како и да го нарекувате,
совршен е сам по себе.
Колку и да се чудни битолчани
за секој гостин имаат по едно ќебе.
Знаете, заради ниските температури
секој турист во Битола доживува посебни зимски авантури.

Како наградени имавме чест да присуствуваме на Рациновите средби и да искусиме едно неверојатно доживување во градот на Рацин, кое засекогаш ќе го паметиме.
Во родниот град на поетот, во секој сокак, во секоја уличка, во секој агол се чувствуваше душата на поетот.

Јас и ученичката сакаме да изразиме огромна благодарност до организацискиот одбор на оваа прекрасна манифестација за можноста која ни ја дадоа да учествуваме на овој неверојатен настан,кој засекогаш ќе остане во нашите срца.















Comments