Наградени на литературниот конкурс ,,Децата се пролетен сјај во месец мај“

Традиционално и оваа година во нашето училиште по повод патрониот празник се оддржа награден литературен конкурс на тема ,,Децата се пролетен сјај во месец мај“ . На конкурсот со свои литературни творби се пријавија 34 ученици од IV до IX  одделение.Пристигнатите творби ги разгледа и оцени жири комисија во состав на : Beсна Димовска, Илија Мерковски , Борче Костовски, Гордана Такец и  Марија Недановска . На сите учесници на конкурсот им беа доделени ,симболично, книги за учество и секако беа доделени III награди за најдобрите литературни творби . Голема благодарност до наставничките од одделенска настава кои ги мотивираа учениците да создадат свои поетски творби .Гордост и чест е да се има вакви ученици, честитки до сите ученици и им посакуваме уште поголеми творечки успеси и награди !!!


Третата награда на литературниот конкурс ја доби ученикот Димитар Василевски од VIII одделение :

РАДОСТ

Разбудени од зимскиот сон,
среќни на пролетниот ѕвон.
Го дочекаа месец мај,
зачекорија во нивниот рај.

Како цветови што никнуваат,
така тие подвикнуваат.
Креваат рачиња мали,
а од гласот душата се пали.

Гласови детски мили,
како ниќни самовили.
Полни со сјај и душа,
за секој да ги слуша.

Како птици во лет,
како пчели на цвет.
Здружени тивко свират,
љубов и мир шират.

Те сакаме месец мај,
како најскапоцен дар.
Ти си наш господар,

душа и срце ни носиш во рај.


Втората награда ја доби ученичката Марија Димоска од VI одделение :


Децата се пролетен сјај во месецот мај

      Месецот мај ги присвојува 
многуте пролетни убавини,
но најбогат е со
детските игри и лудории.


Детската игра, песна,
ја прави пролетта повесела,
а децата, радосни, палави,
доаѓањето на пролетта,
прават вечно да се слави.


Насмевките на неколку детски лица,
значат многу за да ја накитат пролетта
полни со блескав сјај, во пустата, слепа улица.


Очињата, ведри, детски,
полни со блескав сјај,
допринесуваат за убавината на пролетта, 
во месецот мај. 

Првата награда ја доби ученичката Филимена Најдовска од VII одделение :

Децата се пролетен сјај во месец мај

Првиот планински пролетен блесок
ги растреперува студените езерски капки.
Виорот го разнесува
џагорот детски и свежиот мирис на плодови пресни.

Дете убаво, мило
пролетно разиграно било.
Игрите и песните
за него се живот цел
и голем потфат смел.
Во сон длабок
ги носи ливадите претрчани со нозе боси.

Весел е мај.
Во него светот
е во пролетна доба
и постојано носи свежина
нова
низ детскиот волшебен сјај.

Comments